Бизнисмените сакаат да соработуваат со јапонски компании
Бизнис посета на Јапонија со цел да се испитуваат можностите за соработка. Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), предводена од претседателот Данела Арсовска и претставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот деновиве престојуваат во Јапонија.
Од ССК информираат дека целта на посетата е да се разгледаат можностите за зголемување на трговската размена, соработка на компаниите од двете земји, како и реализирање на конкретни проекти преку Јапонија кон целиот Азиски пазар.
Според претседателката на ССК, кај јапонските компании има интерес за Македонија.
„Остваривме средба со владината Аичи Организација за промоција на индустријата како и со Јапонската Асоцијација за стопанство и индустрија, разговаравме за можностите за унапредување на економската соработка, трговската размена и соработка на полето на инвестициите. Во следните денови ќе оствариме и средба со неколку јапонски компании, кои веруваме дека ќе ни пренесат знаење, искуства и ќе ги презентираат најновите технолошки достигнувања и импресивните резултати постигнати на полето на роботиката, електрониката, како и во делот на автомобилскиот сектор“, изјави Арсовска.
Јапонија е членка на Г8, а дури 62 од 500 најголеми и најпрофитабилни светски корпорации се јапонски.
Слично
