АСОМ бара средба со Гир: Ќе ви ги претставиме злоупотребите на европското знаменце во новиот закон за игри на среќа
Владата прави злоупотреба на европското знаменце, сакајќи без јавна дебата да го протне новиот Закон за игри на среќа. АСОМ му напиша писмо на евроамбасадорот Дејвид Гир, во кое искажува загриженост дека со новите законски измени, ќе се затвори една цела индустрија, а 10.000 луѓе ќе останат без работа.
,,Директно и индиректно ќе бидат погодени 45.000 луѓе, а многу сродни бизниси и компании сериозно ќе настрадаат. Ова е големо преобликување на индустријата и не може да се направи без редовна процедура и дебата" пишува во писмото на АСОМ.
Носењето закони кои ја засегаат индустријата не само за игри на среќа, туку воопшто мора да бидат донесени транспарентно, со јавни дебати на сите засегнати страни, што во случајов не е така. Злоупотребата на скратена постапка или ЕУ знаменце, досега повеќе пати била забележана и во извештајот на ЕУ за напредок на земјата. АСОМ од евроамбасадорот Гир бара да ја ревидираат употребата на знамето на ЕУ за овој закон и соодветно да реагираат.
,,Досега им пристапувавме конструктивно на институциите кои отфрлија каква било конструктивна средба или идеја. Ова е многу недемократско и антиевропско однесување за земја аспирант за членка на ЕУ" пишуваат од АСОМ.
Од Асоцијацијата побараа и средба со Гир, нивните членки кои опфаќаат 90% од сите приредувачи на игри на среќа во земјата, тие се отворени да дадат поддршка во дизајнирање на нов, функционален и европски закон.
