Анѓушев за Радио Слободна Европа: Економијата ја стабилизиравме, ги отстранивме недостатоците од проектите - растот на бдп од над 3 % ќе се оствари
Потпретседателот на владата за економски прашања, Кочо Анѓушев е оптимист
дека економскиот раст од над 3 % ќе се
оствари. Во интервју за Радио Слободна Европа уверува дека во втората половина
од оваа година ќе има значително раздвижување кај железницата и автопатите.
Вицепремиерот Анѓушев обелоденува дека сите подизведувачи ќе работат по исти
цени за дополнителните работи за автопатот Кичево Охрид и разликата во цени што
претходно Синохидро ги фактурираше кон домашните подизведувачи достигнуваше до 56
%, а сега ќе бидат намалени на 13 отсто .
„Двата круцијални капитални проекти кои што имаат значително влијание врз БДП, автопатот Кичево - Охрид и договорот за градба на железничката пруга, во овој дел Куманово – Бељаковце, а во иднина и Бељаковце – Крива Паланка и Крива Паланка – граница, ги ставивме во ред. Веќе на утрешната владина седница ќе го продолжиме проектот Куманово – Бељаковце и тоа на најсоодветен начин, со германската компанија изведувач. Со овие два проекти значително ќе ги зголемиме градежните активности. Во делот на автопатот Кичево – Охрид со задоволство може да кажам дека ги намаливме цените коишто државата ги плаќа на Синохидро, а Синохидро на македонските подизведувачи, од 56% на 13%. Така што, за сите дополнителни работи државата сега наместо 56 отсто ќе плаќа 13 отсто, и треба да се прашаме каде е досегашната разлика во цена“, објасни вицепремиерот Анѓушев.
Според Анѓушев во процесот на понатамошното продолжување на автопатите Владата водела грижа како се трошат парите на граѓаните на Република Македонија.
„Цените за македонските подизведувачи биле секаде различни, сега ќе бидат изедначени. И во делот на тунелот има разлики, од она што го бараа кинеските партнери до она што е реално и ќе биде одобрено и ќе значи значително намалување на износите. Така што, само во тие два проекти ќе заштедиме значителни средства од парите на граѓаните, а воедно ќе ги задвижиме проектите“, дополни Анѓушев.
За досегашните резултати Анѓушев вели дека реализацијата на капиталните инвестиции во буџетот не е на нивото кое што Владата го посакува, пред се затоа што проектите кои беа наследени не биле технички добро издржани и доколку се почнело со реализација, владата ќе се соочела со дополнителни работи, што значи дополнителни непредвидени пари и склучување на анекси.
„Во капитални инвестиции изминатите години влегуваа и Скопје 2014, спомениците, автопатот Кичево - Охрид, со 56 проценти разлика меѓу цените од Синохидро и македонските подизведувачи. Ако требаше да ги продолжиме тие проекти на тој начин, да ги плаќаме тие цени и на тој начин да ги трошиме парите на даночните обврзници, само за да покажеме добри бројки, можеби е нечиј друг пристап, но не и на оваа влада. Нашиот пристап беше проектите да се коригираат, да се направат здрави договори и тие во иднина да се имплементираат“, рече во интервјуто Анѓушев.
