Амбасадорката Сутер: Швајцарија е посветена на унапредување на дипломатските и развојните активности во Македонија
Денес Швајцарија ја претстави новата Стратегија за соработка со Македонија за периодот од 2017 до 2020 година. Швајцарија ја подржува политичката, социјалната и економската транзиција на Македонија од 1992 година. Новата стратегија има за цел да продолжи со оваа поддршка во следните четири години преку практичен пристап фокусиран на резултати.

Новата Швајцарска стратегија за соработка 2017 – 2020 предвидува финансиски средства од 69 милиони евра. Главната цел е да ја поддржи Македонија во процесот на реформите и во исполнувањето на европските стандарди, како и да изгради социјално инклузивна демократија и пазарна економија, истовремено обезбедувајќи ефикасно управување со природните ресурси.

Трите приоритетни области во Швајцарското портфолио се демократско владеење на централно и локално ниво, одржлив економски раст и вработување за младите и други социјално исклучени групи, како и ефикасно управување со природните ресурси и еднаков пристап до квалитетни јавни услуги.
Дел од очекуваните резултати од новата стратегија се поголема транспарентност и отчетност на локалната власт, креирање на 4.400 нови работни места, како и пристап до менаџирањето на водните ресурси за дополнителни 115.000 жители. „Особено внимание ќе им посветиме на потребите на најранливите групи на граѓани во Македонија, затоа што нема вистински просперитетно општество коешто не е инклузивно“, истакна амбасадорката Сутер.
