Александар Прокопиев: Трибунското место мора да се освои
Во присуство на многубројни гости од културната и од писателската сфера, читатели и претставници на медиумите, вчеравечер (24 јануари), во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“ се одржа промоцијата на новата критичко-есеистичка книга на Александар Прокопиев – „Трибун, Хронистерик, Номад“. Оливера Ќорвезироска, модераторката на настанот и уредничка на книгата, го отвори претставувањето со анегдота како најлесно да го научиме и да го запомниме насловот на книгата.
Уредничката на книгата Оливера Ќорвезироска истакна дека најновата книга на Прокопиев е на самиот раб помеѓу критичкиот и прозниот дискурс. Содржи единаесет текста подредени во три музички именувани циклуси: Praeludium, Scherzo и Lento. Книгата е бележита во домашен, но и во поширок книжевен контекст, таа се чита и се „слуша“ во брзи, бавни, интимни и шегобијни слапови. Почнува, извира со амбициозна авторска класификација, лична номенклатура на книжевните дејци и заложби на трибуни (Гете, Толстој, Иго, Андриќ, Крлежа, Сартр, Конески...), хронистерици (Достоевски, Ниче, Вајлд, Паунд...) и номади (Чехов, Џојс, Виткаци, Шопов...), што се провлекува до крајот на книгата на повеќе нивоа, тече преку крајно интимни свиоци, дури и епистоларии; и истекува, т.е. се влева, во „книгите што ги нема“, во книгите што сме ги подзаборавиле, а се од суштинско значење за домашниот книжевен контекст: првите збирки раскази на Драги Михајловски, Јадранка Владова и Димитрие Дурацовски од доцните осумдесетти години на минатиот век.

„Трибун, Хронистерик, Номад“ е вистинска книжевна музика за овдешното, ондешното и тамошното; за најдалечното и најблиското, за суштинското и заедничкото во личната пишувачка авантура.

На најновата книга есеи „Трибун, Хронистерик, Номад“ ѝ претходеа: „Дали Калимах беше постмодернист?“ (1994), „Патувања на сказната“ (1996), „Постмодерен Вавилон“ (2000), „Борхес и Компјутерот“ (2005), „Измислувајќи ја Европа“ (2014).
Книгата е во издание на „Супрема“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://www.literatura.mk/esei/42343-tribun-hronisterik-nomad
*Пр објава
