АХВ обезбеди 50.000 вакцини против „јазлеста кожа“
Агенцијата за храна и ветеринарство набави 50.000 дози од вакцината против болеста „јазлеста кожа“ кај говедата, за итна вакцинација на добитокот во 19 општини во Источна и Југоисточна Македонија.
Со нив ќе се покрие целата популација говеда во региони и општини каде што е присутна болеста. Ќе бидат опфатени говедата во општините Демир Капија, Штип, Василево, Радовиш, Босилово, Делчево, Виница, Пехчево, Берово, Ново Село, Струмица, Валандово, Дојран, Македонска Каменица, Гевгелија, Кратово, Конче и Зрновци, Богданци.
„Со цел сузбивање и искоренување на болеста и намалување на ризикот од нејзино ширење, согласно подготвениот план, со вакцинацијата ќе бидат опфатени зоните под надзор и заштитните зони во општините каде има потврдени позитивни грла, како и во областите кои се граничат со овие зони. Ветеринарните друштва кои имаат склучено договор со Агенцијата за храна и ветеринарство се носители на активностите за вакцинација и истите се веќе задолжени со вакцините. Дел од нив, денеска, под надзор на официјален ветеринар почнаа со вакцинација на добитокот против болеста чвореста кожа“- информираат од АХВ. Со вакцинацијата ќе бидат опфатени сите говеда, без оглед на нивниот пол, возраст и месец на гравидност.
