"5-ти по ред годишен АмЧам настан: Соработка помеѓу Бизнис секторот и Академската заедница"
Денес, Американската Стопанска Комора во Македонија (АмЧам Македонија) организираше настан во духот на унапредување на соработката меѓу компаниите кои се сериозни во врска со инвестирањето во човечки ресурси и четири скопски факултети, дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Околу 100 гости од бизнис заедницата, претставници од универзитетите, дипломатскиот кор, меѓународни организации и државни институции присуствуваа на настанот.
Претставници на повеќе од 30 компании, имаа шанса да слушнат презентации од Ректорот на УКИМ, Јанкуловски, како и Деканите на Машинскиот факултет, Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии (ФЕИТ), Факултетот за Информатички науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ), како и на Економскиот факултет. Нивните презентации ги сумираа нивните напори за тесна соработка со бизнис секторот, како и потребата да се подобри квалитетот на програмите за практиканти. Во вториот дел од настанот, учесниците имаа можност директно да разговараат со деканите и нивните колеги, со цел иницирање на нова соработка или продлабочување на постоечките односи.
Во поздравното обраќање, Мишел Османли, Извршен Директор на Американската Стопанска Комора во Македонија, истакна: "Водечки принцип треба да биде ‘квалитетот над квантитетот’. Наша заедничка цел не треба да биде зголемувањето на бројот на потпишани меморандуми за соработка од страна на факултетите и компаниите, туку да се зголеми позитивното влијание на нашите активности, врз студентите; искреноста и проактивноста од двете страни се од клучно значење. "
За АмЧам Македонија
Американската Стопанска Комора во Македонија (АмЧам Македонија) ја сочинуваат 112 компании од различни сектори и нашите членки се посветени на зајакнувањето на гласот на меѓународниот бизнис во Македонија, промоција на одржлива, предвидлива и конкурентна бизнис средина. Членките на АмЧам претставуваат значаен дел од македонската економија.
