17,8 милијарди долари обрт за едно деноноќие: Алибаба ги урна рекордите во шопинг
Гигантот во електронската трговија Alibaba ги урна сите рекорди, откако забележа 17,8 милијарди долари обрт во рамките на едно деноноќие. Тоа се случи за време на Денот на необврзаните-традиционален празник во Кина, кога корисниците во земјата се оддаваат на масовно купување, соопштија светските медиуми.
Компанијата забележа импресивни 32% раст на приходите во однос на истиот ден на претходната година. Во 2015 година Alibaba регистрира 14,3 милијарди долари обрт, а во оваа се со 3,5 милијарди долари повеќе.
Шопингот беше во полн замав 9 минути по почетокот на шопинг настанот кога мобилната платформа за плаќање на Alibaba Alipay веќе обработуваше по 120 илјади трансакции во секунда.
Дополнителни 54 илјади порачки се правеа секоја секунда преку безжичната услуга за дебитни картички, која ја нуди Alipay.
Системот обработи вкупно 1.05 милијарди трансакции за ден, што е за 48% повеќе во споредба со минатата година.
657 милиони нарачки за испорака биле обработени од платформата за снабдување на Alibaba, што е за 40.7% повеќе во однос на претходната година.
Во шопингот учествувале повеќе од 200 земји и региони, а 47 милиони потрошувачи порачале производи од меѓународни брендови, соопшти извршниот директор на Alibaba Даниел Жанг.
„Во 2013 година остваривме 5,14 милијарди долари за целиот ден, сега можеме да ги достигнеме за 1 час“, се пофали Жанг. За споредба продажбата за целото деноноќие на Црниот петок и Сајбер понеделник во САД се меѓу 2,7 милијарди и 3,07 милијарди долари.
Во последните години „Денот на необврзаните“ стана сериозен дел од календарот на кинеските трговци. Токму Alibaba стана иницијатор на шопинг во овој ден во 2009 година. Компанијата годишно бележи рекордни вртежи во овие 24 часа од годината.
Секоја година во свеченостите околу настанот учествуваат светски познати личности. Во оваа година тоа беа Дејвид и Викторија Бекам, холивудската актерка Скарлет Јохансон и поранешната ѕвезда од NBA Коби Брајант. За квалитетна музика се погрижи популарната група „OneRepublic“.
Годишниот настан е најголемиот тест за новите технологии во продажбата на мало, функционирањето на пазарот и бизнис моделите во Кина, изјави основачот и извршен претседател на „Alibaba Group“ Џек Ма.
Новите модели во продажбата на мало се создаваат кога онлајн и офлајн продажба, логистичките услуги, технологијата и маркетинг податоците се совпаѓаат по совршен начин. Во исто време тоа го подобрува синџирот на снабдување и ги поттикнува промените во неа, објасни Ма.
Во Денот на необврзаните најмногу потрошија корисниците во Шангај, Пекинг, Шенжен, Хангжу и Гуангжу.
