101 – ГОДИНА НА КОМОРАТА
Стопанската комора на Северна Македонија денес е модерна водечка бизнис асоцијација кај нас и во регионот, партнер на државата и сервис на компаниите. По повод годишнината, Управниот одбор на Комората на седницата одржана на 21.06.2023 година, донесе одлука за доделување на награди во неколку категории.
Проф. д-р Кочо Анѓушев
НАГРАДА ЗА ПРИДОНЕС ВО РАЗВОЈОТ НА ИЗВОЗОТ И ВО ОБРАЗОВАНИЕТО НА КАДАР ЗА ПОТРЕБИТЕ НА БИЗНИСОТ
Проф. д-р Кочо Анѓушев, реномиран професор на Машинскиот факултет, стопанственик и сопственик на групацијата „Фероинвест“ и „Брако“, како и заменик-претседател на Комората, во своето портфолио, преку успешни деловни потези, има значајна улога во зголемувањето на извозот, но и во вклученоста во образовниот процес преку профилирање кадар за потребите на своите компании.
Децениските заложби на Анѓушев за постојана модернизација и за вложување во технолошките процеси, водејќи грижа за животната средина, го даваат целосниот ефект преку остварување висока стапка на извоз. Со оглед на тоа дека во производствениот процес е детерминиран со високо напредна технологија, која, меѓу другото, главно се снабдува со зелена енергија, го прави дотолку повеќе конкурентен на меѓународните пазари, што има неспорен ефект и врз домашниот буџет.
Во рамките на групацијата предводена од Анѓушев се застапени пет сектори, кои се пласираат на три континенти: жичани производи, медицинска опрема, возила, конструкции за енергетски капацитети и машини се дел од производите што се присутни во државата, но и во странство. Жичаните производи на „Брако“, како и електричните возила се присутни во САД, Кина, Обединетото Кралство, во Германија, Белгија, Романија, во Турција, Јужна Кореја, Франција и во Данска.
Наедно, „Брако“, како општествено одговорна
компанија, во учебната 2019/2020 година се вклучи во дуалниот модел на
образование за квалификацијата Техничар за производно машинство од секторот Машинство, интегрирајќи
знаења од областа на современото
машинство и информатика. Анѓушев е креатор на Законот за финансиска поддршка на
инвестициите, а како заменик-претседател на Комората несебично се залага за
подобрување на извозните перформанси на компаниите.
Теоретската настава учениците ја реализираат во Средното стручното училиште „Коле Неделковски“ од Велес, додека, пак, практичната настава, која е во согласност со наставната програма, ја реализираат во компанијата, на реално работно место, каде што теоретското знаење можат практично да го применат и одблизу да се запознаат со производствените технолошки процеси во компанијата. Практичните знаења, вештините и искуствата на учениците им ги пренесуваат двајца искусни, сертифицирани ментори во компанијата, со цел создавање иден квалификуван кадар од областа на современото машинство. Истовремено, учениците добиваат и обука за безбедност при работа и се запознаваат со процедурите, организацијата и со начинот на работа во компанијата. Во компанијата, преку процесот на дуално образование, поминале околу 30 ученици. Покрај практичната настава во текот на учебната година, во текот на летото учениците реализираат и феријална пракса во времетраење од 15 дена.

Како компанија која е верифицирана за реализација на практична обука на ученици, компанијата „Брако“, уште пред формирањето на дуалната паралелка, беше вклучена во стручното образование и обучуваше ученици преку процесот на учење преку работа. Исто така, во насока на обезбедување сопствен кадар, „Брако“ е вклучен и во процесите на преквалификација и на доквалификација преку неформалното образование за програмите за заварувач и за бравар.
ПР Објава
