Со кампањата „Одговорно со технологијата. За побезбеден сообраќај“ сакавме да предизвикаме емоција што ќе ја разбуди јавната свест
Кампањата „Одговорно со технологијата. За побезбеден сообраќај“ на А1 Македонија и Министерството за внатрешни работи предизвика силен одзив во јавноста и отвори широка дебата за одговорното користење на технологијата во сообраќајот. За идејата, реакциите на јавноста и важноста на општествено одговорните иницијативи разговараме со Бранкица Толевска, раководител на одделот за трансформација, стратегија и корпоративни комуникации во А1 Македонија.

Кампањата „Одговорно со технологијата. За побезбеден сообраќај“ за многу кратко време стана една од најкоментираните општествено одговорни иницијативи во јавноста. Како се роди идејата за ваков неконвенционален пристап?
Уште од самиот почеток знаевме дека ако сакаме навистина да допреме до јавноста и да отвориме сериозна општествена тема, мора да пристапиме поинаку од класичните кампањи. Денес луѓето секојдневно се изложени на огромен број информации, реклами и содржини и вниманието многу лесно се губи. Токму затоа сакавме да создадеме комуникација што нема само да биде видена, туку и почувствувана.
Идејата зад кампањата беше преку едноставен, но многу силен симбол , телефон што ѕвони, а никој не се јавува за да ја пренесеме тежината на последиците што може да ги предизвика само еден момент невнимание во сообраќајот. Сакавме да создадеме момент што ќе ја разбуди јавната свест, ќе поттикне љубопитност, разговор и емоција.
Пристапот беше намерно храбар, директен и неконвенционален, затоа што верувавме дека токму таквите комуникации имаат моќ да остават трага и да предизвикаат реална реакција кај луѓето.

Над 20 илјади повици кон бројот, илјадници реакции и огромен интерес на социјалните мрежи. Дали очекувавте ваков јавен одек?
Искрено, очекувавме интерес, но размерот на реакциите навистина нè изненади во позитивна смисла. За само неколку дена, бројот кон кој никој не се јавуваше прими над 20 илјади повици, што само по себе зборува колку силно јавноста беше заинтригирана од кампањата.
Дополнително, огромниот број коментари, споделувања, медиумски објави и дискусии на социјалните мрежи покажаа дека луѓето не останаа рамнодушни. Тоа за нас беше најважниот показател дека пораката допре до јавноста и дека темата отвори простор за разговор и преиспитување на секојдневните навики во сообраќајот.
Посебно значајно е што кампањата успеа да допре до различни генерации почнувајќи од млади луѓе и активни корисници на социјални мрежи, до возачи, родители и пешаци. Веруваме дека токму ваквите иницијативи имаат вистинска вредност кога ќе успеат да создадат колективна свесност и да поттикнат луѓето да размислат за сопственото однесување.
Колку е важно една телекомуникациска компанија да отвора теми поврзани со безбедноста и одговорното користење на технологијата?
Како компанија што секојдневно ги поврзува луѓето преку технологија, ние сме свесни дека нашата улога не завршува само со обезбедување услуги и дигитални решенија. Веруваме дека имаме и поширока општествена одговорност да иницираме важни теми, да едуцираме и да поттикнуваме позитивни промени во однесувањето.
Технологијата е составен дел од модерниот живот и носи огромни придобивки, но истовремено мора да зборуваме и за одговорноста што доаѓа со нејзиното користење. Особено во сообраќајот, каде што само еден момент на невнимание може да има сериозни последици.
Токму затоа сметавме дека е важно една телекомуникациска компанија јасно и гласно да испрати порака дека технологијата треба да ни служи, а не да ни го одзема вниманието во моменти кога безбедноста е најважна.
За нас, ова не беше класична кампања, туку иницијатива со повисока цел да поттикнеме јавна свест и да придонесеме кон побезбедно и поодговорно однесување во сообраќајот.

Кампањата беше реализирана во партнерство со Министерството за внатрешни работи. Колку е важно институциите и приватниот сектор да делуваат заедно кога станува збор за вакви општествени теми?
Веруваме дека најсилните и највлијателни општествени иницијативи се оние зад кои стои заедничка посветеност. Безбедноста во сообраќајот е тема што ги засега сите и токму затоа е потребно институциите, компаниите, медиумите и јавноста да делуваат заедно.
Поддршката и вклученоста на Министерството за внатрешни работи даде дополнителна тежина и кредибилитет на целата иницијатива. За нас беше особено важно што пораката се испрати обединето дека превенцијата, едукацијата и подигнувањето на јавната свест се подеднакво важни како и санкциите.
Ова партнерство покажа дека кога постои заедничка цел и искрена намера за позитивна промена, може да се создадат кампањи што имаат вистинско влијание во јавноста.
Која е најважната порака што сакате јавноста да ја запомни од кампањата?
Најважната порака е дека ниту една порака, нотификација или телефонски повик не вреди повеќе од човечки живот.
Сакавме да потсетиме дека сите сме одговорни учесници во сообраќајот без разлика дали сме возачи, пешаци, велосипедисти или корисници на електрични тротинети. Во време кога вниманието постојано ни е насочено кон екрани и мобилни уреди, многу лесно забораваме колку е важно да бидеме присутни и фокусирани во моментот.
Ако оваа кампања поттикне барем еден човек да не погледне во телефонот додека вози или додека поминува улица, тогаш веруваме дека сме ја постигнале нашата цел.
